На 10 јуни, во објектот Парк, се промовира прирачникот-готвач: „Омилените рецепти од мојата градинка“, наменет за деца и родители. Промотори на ова издание беа д-р Лена Дамовска, професор на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ и познатиот готвач Филип Поповски од емисијата #ГотвимеСоФичо кои секој од свој аспект ја објанија потребата од слични изданија на македонски јазик.
Идеја за овој прирачник даде и ја овозможи неговата реализација директорот на градинката Ружица Биџовска. Дизајнот, илустрациите, како и комплетната графичка подготовка се на м-р Ана Цветкоска-Панова (советник - ликовен педагог).
На промоцијата присуствуваше градоначалникот на Општина Центар, претставници од оштината и од Град Скопје, како и дел од вработените во установата. Издавањето на овој прирачник е дел од активностите во пресрет на 70-годишниот јубилеј на градинката.
Драги деца,
Овој мал прирачник со рецепти е само еден ситен спомен од деновите поминати во нашата градинка „13 Ноември“ – Скопје. Покрај спомените за многу игри, песни, секојдневие исполнето со љубов, ќе си спомнете и за мирисот на вкусната храна која, со многу љубов, ја подготвуваа вредните раце на нашите вработени во кујната. Ви подготвуваа секогаш многу вкусна, свежа и здрава храна. Тука се оние оброци за кои често родителите ни се обраќаа и нè прашуваа за рецептот, за тоа како се зготвени... а за кои вие, децата, им велевте на вашите мајки, баби, дека сакате да ви ги зготват, токму онака: „Како во градинка!“
Директор: Ружица Биџовска
